Во Брисел се одржаа конститутивни состаноци на делегациите на Европскиот парламент (ЕП) за Албанија и за Црна Гора, на кои беа избрани претседателите и потпретседателите на тие делегации, објавија албанските медиуми.
На конститутивната средба на делегацијата на Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација на ЕУ-Албанија, Италијанецот Марко Таркино од групата социјалисти и демократи во ЕП со акламација беше избран за претседател на делегацијата на ЕП за односи со Албанија. За потпретседатели на оваа делегација на ЕП беа избрани Холанѓанката Тинеке Штрик од групата Зелени во ЕП и Французинката Лоренц Трошу од европските конзервативци и реформисти.
Томас Вајц од Австрија, член на групата на Зелените во ЕП, е избран за претседател на делегацијата на ЕП во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација со ЕУ и Црна Гора. Тој со акламација беше избран за единствен кандидат за таа функција, додека изборот за потпретседател на оваа делегација на ЕП беше одложен.
Конститутивната средба на делегацијата на ЕП во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација на ЕУ-Србија ќе се одржи на 3 октомври, како и конститутивната средба на делегацијата на ЕП за Северна Македонија.
Меѓупарламентарните делегации на ЕП одржуваат односи и разменуваат информации со пратеници во други земји, региони и организации со цел негување на основните вредности на ЕУ - слободата, демократијата, почитувањето на човековите права и основните слободи, како и владеењето на правото.