Во Албанија не престануваат реакциите по вчерашните насилства во законодавниот дом, предизвикани од опозициските албански демократи.

Попладнево реагираа амбасадата на Соединетите Американски Држави и на Обединетото кралство, кои искажуваат загриженост и ги осудуваат актите на насилство.

-Ваквите штетни и потенцијално штетни дејствија немаат место во демократскиот процес. Ги повикуваме сите вклучени страни да покажат воздржаност, да се вклучат во конструктивен дијалог и да ги прифатат вредностите на почит и граѓанство, додаваат од Амбасадата на САД.

Амбасадата соопштува дека поддржува мирни и кооперативни дискусии за преговорите за членство на Албанија во ЕУ.

-Ги поддржуваме мирните и кооперативни дискусии поврзани со преговорите за членство на Албанија во ЕУ и ќе продолжиме да стоиме покрај албанските институции додека тие работат на приближување на Албанија до евроатлантската заедница, се наведува во соопштението од американската амбасада.

Во реакцијата на Британската амбасада се нагласува дека насилството нема место во демократијата и се бара од сите албански политички партии да се вклучат во конструктивен дијалог и мирни парламентарни процеси.

-Ја осудуваме секоја активност која има за цел да ги поткопува овие принципи и остануваме посветени на поддршката на народот и демократијата во Албанија, се вели во соопштението на британската амбасада.

Амбасадорот на Европската унија во Тирана, Силвио Гонзато повика да се „намалат тензиите и да се избегнат нападите“.

- Без разлика каков став или идеја имаме, ова не е начин да се изрази мислењето. Ова е за жалење. Исто така, морам да кажам дека во една функционална демократија како Албанија, незадоволството од различни видови треба да се изрази на вистински начин и да не се употребува насилство или да се врши насилство или да се направи штета на имот за да се изрази мислењето, рече Гонзато



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2024 04:42