До крајот неделава се очекува шест министерства да ги достават извештаите од комисиите кои прават евалуација на предлог-проектите со кои општините се јавиле на повикот за реализација на капитални и инфраструктурни проекти кои би се финансирале од централниот буџет. Најмногу предлози стигнале за реконструкции на улици и патишта и за проекти од областа на животната средина.

Повикот на Министерството за локална самоуправа беше објавен на 5 септември и до крајот на рокот пристигнале 358 апликативни формулари од 80 општини. Со повикот, до крајот на годинава општините ќе имаат на располагање шест милијарди денари, а ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција денеска рече дека очекувањата од повикот се исполниле зашто општините пројавиле огромен интерес. Евалуацијата, рече, е во завршна фаза и до крајот на неделата се очекува шесте министерства да ги достават извештаите за проектите кои ќе бидат финансирани, за Владата на седница да ги разгледа и усвои.

Перински на прес-конференција по повод 100 дена од Владата соопшти дека проектите се најмногу насочени кон Министерството за транспорт и се однесуваат за реконструкции на улици и патишта, а животната средина, како што рече, е втор ресор за кој имало голем интерес и најчесто се поднесени предлог-проекти за подобрување на канализациски и водоводни системи.

-Потоа следуваат останатите ресори. Дијапазонот е многу широк – има проекти во вредност од неколку стотици илјади денари, но имаме и предлог-проекти кои надминуваат вредност од 1,5 милијарда денари. Проектите не ги цениме на мали и големи зашто еден голем проект во мала, рурална општина, е мал проект за голема скопска општина, рече Перински на прес-конференцијата и посочи дека детали ќе се знаат откако ќе заврши евалуацијата и кога Министерството ќе ги добие извештаите од евалуацијата.

Перински нагласи дека Министерството што го предводи ќе продолжи со својата посветена работа за подобрување на животниот стандард и развој на сите региони во државата што е и главната цел на објавениот повик за проекти на општините што ќе се финансираат од државниот буџет.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2024 16:08