Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Аиво Орав вели дека во регионот на Западен Балкан има штетни наративи кои ги нагласуваат, но и ги поттикнуваат поделбите, јави дописникот на МИА од Приштина.

На отворањето на конференцијата на Европската унија за медиумска едукација што се одржува во Приштина, на тема „Конструктивно новинарство: јакнење на информираните и резистентни општества“, Орав истакна дека ЕУ е посветена на градење медиумски пејзаж кој е силен, моќен и одговорен.

Шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово рече дека оваа конференција е доказ за посветеноста кон соочувањето со најважните прашања во однос на дезинформациите.

-Гледаме штетни наративи кои ги нагласуваат поделбите и ги поттикнуваат овие поделби во регионот, но и пошироко. Поради оваа причина, Европската унија заедно со партнерите е посветена на градење медиумски пејзаж кој е силен, моќен и одговорен. Во ЕУ зазедовме сеопфатен пристап во борбата против дезинформациите, отворени сме за вакви кампањи за дезинформациите и се грижиме лажните наративи да се соочат со факти, рече Орав.

Според него, недостатокот на транспарентност во сопственоста на медиумите и нерегистрираните онлајн медиуми „предизвикуваат сериозна загриженост за одговорноста“.

-Многу новинари работат без вистински договори, што од друга страна ги прави чувствителни на притисоците и заканите од сопствениците на медиумите, што ја разнишува довербата во медиумите, рече Орав.

Тој додаде дека една неодамнешна студија ја нагласува подложноста на дезинформации, вклучително и меѓу професионалците во новинарството.

-Ова бара програми за медиумско образование и системи за проверка на факти. Треба да ги оснажиме граѓаните преку медиумско образование за да им помогнеме на сите да бидат едуцирани и информирани информатори, рече Орав.

Министерката за образование на Косово, Арберие Нагавци истакна дека медиумското образование и борбата против дезинформациите е феномен со кој Косово секојдневно се соочува.

-Медиумското образование е интегрирано во нашата училишна програма, со цел правилно да се ориентираат децата и да се имунизираат против потенцијални и неетички манипулации. Во овој контекст, дигитализацијата е исто така меѓу оптималните начини за решавање на ова прашање. Затоа, покрај решавањето како стратегијата на образованието, го финализираме подобрувањето на квалитетните услуги во образованието, во согласност со трендовите на дигиталното образование во целиот свет. Во моментов го креираме новиот оддел за дигитализација кој ќе работи во насока на исполнување на оваа цел, а во рамки на физичката инфраструктура продолжува проширувањето на брзата мрежа во училиштата, изјави Нагавци, нагласувајќи дека се прават напори медиумското образование да се воведе како предмет во косовските училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2024 04:44