Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин изјави дека економски и политички Германија е меѓу главните партнери на Косово, бидејќи, како што вели, германската држава верува во иднината и потенцијалот што го има земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На отворањето на Вториот германско-косовски економски форум што го организира Германско-косовската стопанска комора во соработка со Источниот комитет на германската економија, Сарацин рече дека сите земји од Западен Балкан треба да настапат заедно на пазарот на ЕУ.

-Она што сакам да го кажам е дека, ако ги гледаме можностите за економски раст, убеден сум дека Косово има потенцијал за иновации и развој. Економски и политички Германија е меѓу главните партнери на Косово, затоа што веруваме во вашата иднина и потенцијал-, рече Сарацин.

Според германскиот емисар, Косово треба да создаде предуслови за привлекување странски инвестиции, а еден од тие предуслови е да работи на заеднички регионален пазар што овозможува развој.

-Потенцијалот што го имате на Балканот може да се види во регионот поради младата популација која не сака да чека, туку сака да дејствува. За инвестиции имаме карта на која има нешто што се вика регион. И ние сакаме земјите од регионот заедно да одат на пазарот на ЕУ, рече Сарацин.

Тој додаде дека многу инвеститори одат во Србија затоа што сакаат да водат бизнис со целиот регион, нешто што Германија сака да го промени и да ги насочи инвеститорите кон Косово.

-Сите економии на Балканот одделно не се доволен пазар за да дојде една компанија. Многу инвеститори одат во Србија, затоа што сакаат да водат бизнис со регионот, а ние сакаме ова да се промени и сакаме инвеститорите да дојдат во Косово и да создадат заеднички регионален пазар, рече Сарацин.

Специјалниот пратеник на Германија за регионот рече дека се уште нема нови вести за учеството на Косово во Берлинскиот процес, кога остануваат уште две недели од одбележувањето на 10-та годишнина од овој процес.

Германија го повикува Косово да ја отстрани безбедносната мерка за српските стоки, нарекувајќи ја спротивна на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Неодамна во изјава за приштинските медиуми, германската амбасада соопшти дека има рокови поврзани со правилата и процедурите на ЦЕФТА.

Самиот Сарацин при последната посета на Приштина ја спомена можноста за исклучување на Косово од Берлинскиот процес доколку Владата не ги отстрани мерките против српските производи.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2024 04:51