Вкупно 12 земји, преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, понудија итна помош за Босна и Херцеговина, кој последниве денови е зафатена од голем поплави, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари.

- Тимови за пребарување и спасување од Хрватска, Словенија, Црна Гора и Србија веќе се на терен и ги поддржуваат локалните напори за одговор на кризата, нагласи Ујвари, додавајќи дека во овие услови ЕУ не ја остави БиХ сама да се справува со елементарната непогода.

Овие тимови, кои пристигнале во поплавените подрачја во текот на викендот, трагаат по исчезнати лица и ги расчистуваат остатоците, со цел да помогнат во обнова на виталната инфраструктура.

Ујвари информира и дека Еврокомисијата организирала и дистрибуција на шатори и монтажни објекти од Албанија, Унгарија, Црна Гора, Романија и Турција за сместување на лицата чии домови се зафатени од поплавите.

- Исто така, го користиме нашиот сателитски систем Копеникус за да им помогнеме на локалните власти да ја проценат ситуацијата на терен. Се разбира, остануваме подготвени да обезбедиме и дополнителна помош во наредните часови и денови, додаде Ујвари.

Во врска со поплавите во БиХ, и еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич посочи дека земјата не е оставена сама да се справува со разорните поплави.

Изразувајќи им благодарност на тимовите за итна помош кои ги помагаат локалните напори за одговор на кризата, Ленарчич потенцира дека ова е „силен израз на солидарноста на ЕУ во време на голема потреба“.

Вчера, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објава на Икс информира дека Унијата го активирала својот Механизам за цивилна заштита и испратила спасувачки тимови во поплавените подрачја во БиХ, што, исто така, го оцени како доказ за „солидарноста на ЕУ на дело“.

- Нашите срца и мисли се со луѓето во Босна и Херцеговина погодени од разорните поплави, додаде Фон дер Лајен во објавата.

Претходно, и шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Луиџи Сореца, исто така на Икс, објави дека БиХ во саботата го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и спасувачки тимови се упатени на терен во поплавените подрачја.

- ЕУ стои до БиХ! На местото на настанот пристигнуваат екипи за реакција. Босна и Херцеговина е полноправна членка на Механизмот од септември 2022 година. Тимови на Босна и Херцеговина учествуваа во спасувачките напори во Словенија и Турција. Солидарност на дело, наведе Сореца во објавата.

Во поплавите кои од петокот зафатија делови на БиХ, при што најтешко се погодени реоните на Јабланица, Фојница, Крешево, Кисељак, Коњиц и Високо, според локалните медиуми, животите ги загубија најмалку 26 лица, а околу 40 се водат како исчезнати



Автор: Администратор
Објавено на: 07/10/2024 21:33