Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска на отворањето на Конференцијата за одржливост во Хамбург на која присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Германија ќе се приклучи на глобалната алијанса за батерии, заедно со Србија и Замбија, јави дописникот на МИА од Белград.
Обраќајќи им се на учесниците на дводневната меѓународна конференција за одржливост во Хамбург, Шолц истакна дека Глобалната алијанса за батерии е најважното глобално партнерство бидејќи се залага за одржливи синџири за снабдување со батерии и намалување на еколошкиот отпечаток на батериите.
-На конференцијата за одржливост во Хамбург, германското Министерство за развој ќе се приклучи на оваа алијанса, заедно со Замбија и Србија, кои исто така го подготвија своето пристапување. Овој пример покажува дека, со сите сојузи што ги формираме, секогаш треба да го имаме предвид тоа да повеќе луѓе можат да имаат корист од напредокот и просперитетот ширум светот и токму поради тоа е покрената оваа конференција, рече Шолц.
Тој посочи дека се потребни нови сојузи за дополнително да се поттикне користењето на обновливите извори на енергија и дека батериите базирани на литиум и кобалт, со истовременото почитување на еколошките стандарди, ќе бидат клучни за мобилноста во иднина и за функционална енергетска транзиција.
Според Шолц, решенијата за глобалните предизвици мора да се најдат во заеднички решенија и преку конкретни акции, но дел од главните предизвици на сегашното време се глобалната нееднаквост и климатските промени предизвикани од човековото дејствување.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој учествува на Конференцијата за одржливост во Хамбург, каде што беше пречекан од германскиот канцелар Олаф Шолц, рече дека „одржливоста“ не е само збор, туку предизвик со кој се соочуваме сите заедно.
Тој изјави дека оваа конференција обединува влијателни светски лидери, експерти и активисти од различни области, со цел размена на идеи и искуства за одржливиот развој и истражување на можностите за подобрување на политиките кои ќе ја заштитат нашата животна средина, но и ќе обезбедат економски раст и социјална правда.