Визијата на СДСМ е напредок и просперитет на секоја општина и подобар живот за сите граѓани, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче при денешната посетата на Крива Паланка. Тој присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на еден од петте мостови на Крива Река што се реконструираат со средства од Владата, во вкупна вредност од 40 милиони денари.

-Парите за целиот проект се обезбедени кон крајот на минатата година, од Владата на СДСМ, со прераспределба на 32,5 милиони евра за развојни проекти во 44 општини ширум државата. Дополнително, Владата на СДСМ преку ТАВ програмата обезбеди реализација на 94 инфраструктурни проекти во општините во вредност од 50 милиони евра. Преку оваа програма, тука во Крива Паланка ќе се реконструираат два моста. Во завршна фаза е реконструкцијата на „Градечки мост“. Жителите на Крива Паланка добиваат и нов спортски терен за мал фудбал, чијашто изградба е финансирана од Развојната програма на општината, истакна Филипче.

Тој посочи дека сите овие проекти не се само естетска промена на градот, туку проекти за подобри услови за живот, за рекреација, за подобра поврзаност на градот и олеснет сообраќај, бидејќи визијата на СДСМ е напредок и просперитет на секоја општина, и тоа е видливо онаму каде што градоначалниците се од СДСМ.

-Од друга страна, сведоци сме како се однесуваат други градоначалници. Главниот град за жал е затрупан во ѓубре, со дотраен јавен превоз. Во дел од општините градоначалниците укинуваат мерки од интерес на граѓаните, најавените инвестиции не се реализираат, условите во основните училишта се катастрофални, ученици од дел од градовите се оставени без превоз до училиштата. За 100 дена од ВМРО - ДПМНЕ видовме само популистички мерки, лажни ветувања и тотална безидејност. Најавија 100 милиони евра поддршка на општините, но со погрешен метод за исплата, што отвора можност за манипулации и неефикасност во реализацијата на проектите, додаде Филипче.

Настанот беше дел од активностите на Општина Крива Паланка за одбележување на јубилејот 80 години слободна Крива Паланка.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2024 03:58