Косовскиот премиер Албин Курти потврди дека денеска министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља испратил писмо до граничниот пункт во Мердаре за промена на мерките за увоз на српската стока, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти на денешната прес-конференција рече дека косовските мерки за ограничување на увозот од Србија „никогаш не биле и никогаш не се трговски мерки, туку се безбедносни мерки“.
„Србија во последните две години четири пати ја носеше војската на границата со Косово, лани и годинава имавме четири големи конфискации на оружје и муниција, додека паравоената терористичка група која го уби полицискиот наредник Африм Буњаку (пред една година, во Бањска во северно Косово) продолжува да биде слободни во Србија. Затоа мораме да преземеме безбедносни, а никако трговски мерки. На една од граничните точки ја правиме оваа промена на мерките според писмото што министерот Свечља го испрати до директорот на Царината, рече Курти
Косовскиот премиер изјави дека за денешната одлука неговите советници и вицепремиерот Бесник Бислими разговарале со Европската Унија и со Германија и очекува тоа да биде доволно за успешно вклучување на Косово во ЦЕФТА и Берлинскиот процес.
- Промената на мерката што ја правиме е повеќе од доволна за задутре во ЦЕФТА и во понеделник во Берлинскиот процес да имаме целосен успех, рече Курти.
Министерството за внатрешни работи на Косово денеска ја измени безбедносната мерка за производите кои влегуваат од Србија преку граничниот премин Мердаре.
Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоката нелегално се шверцувало оружје.
Со новата одлука, која денеска до надлежните институции ја пратил министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, забраната за увоз на овие производи ќе биде заменета со „детална контрола“ за шлеперите кои влегуваат од Србија, а оваа измена се однесува само на граничниот премин Мердаре, а не и на другите гранични премини со Србија.
Германија неодамна, преку нејзиниот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, му се закани на Косово со неучество на самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 14 октомври, доколку не ја укине забраната за увоз на стоки од Србија. Според Сарацин, оваа забрана ја блокира и работата на Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА.