Ниту еден од тројцата обвинети за минатогодишниот терористички напад во Бањска во северно Косово, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, не ја призна вината на денешното рочиште во Основниот суд во Приштина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обвинетите Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ во оваа фаза од процесот одбија да ја признаат вината, по што судијата на случајот заклучи дека според законот ова дејствие значи дека тие не ја прифаќаат вината. Третиот обвинет присутен во судницата, Душан Максимовиќ се изјасни за невин.

Со тоа завршија првичниот распит и денешното рочиште.

Спасојевиќ, Толиќ и Максимовиќ се само тројца од 45-те обвинети за терористичкиот напад во Бањска.

На првото рочиште, кое беше одложена (на 27 септември), Основниот суд најави дека ќе се обрати до Врховниот суд за да побара мислење дали за случајот „Бањска“ може да се примени судењето во отсуство за останатите обвинети, кои се во бегство.

Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подигнато на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија, при што како резултат на употребеното насилство, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Водачот на терористичката група, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, се товари дека индиректно обезбедувал приходи од 2017 година до 24 септември 2023 година и тие пари ги претворил во недвижен и движен имот, при што дел од недвижниот имот префрлил на трети лица, со цел да го сокрие изворот на богатството.

Обвинетите 45 лица од српска националност се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“.

Покрај косовскиот полицаец, Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2024 04:48