Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Дубровник изјави дека Србија успеала да промени неколку важни точки од декларацијата на учесниците на Самитот Украина - Југоисточна Европа, така што повеќе не пишува дека земјите се обврзани, туку се охрабруваат да се усогласат со мерките на ЕУ, со што Белград остана без санкции кон Москва. Тој кажа и дека Србија седи само на „српско столче“ и дека се залага за почитување на Повелбата на Обединетите нации.
Вучиќ во Дубровник посочи дека немало согласност за сите прашања и да разговарале за принципот на почитување на територијалниот интегритет на Украина.
-Јас укажав на важноста да се почитува Повелбата на ОН и да се држиме до тој принцип, а не кога некому му одговара-да ја почитува, а кога не одговара- да се оддалечи од тој принцип. Најдобар пример за тоа е Србија, изјави Вучиќ на новинарите во Дубровник.
Тој кажа дека разговарале за потребата од воспоставување мир, а на прашањето дали Србија ќе воведе санкции кон Русија, Вучиќ рече дека во декларацијата е променет член според кој земјите не се обврзуваат на тоа, туку се охрабруваат да се ускладат со мерките на ЕУ.
-Успеавме тоа да го промениме. Србија ќе продолжи да ја спроведува својата политика на слободарска, независна и суверена земја. Го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, но ќе останеме без санкции против Русија, бидејќи тоа е политиката што ја водиме, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија инсистирала да се сменат три работи во декларацијата и побарала да се зборува за секаков вид помош, бидејќи не сака експлицитно да зборува за воена помош во декларацијата и дека наместо „окупација на Крим“ треба да се концентрираат на интегритетот на Украина.
Запрашан од хрватски новинар до кога планира да седи на две столчиња, тој рече дека стои пред новинарите и ја брани политиката на Србија, а Србија седи само на својата „српска столица“ и цврсто се држи до неа.
Тој истакна дека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ зборувал за агресијата од 1991 година и дека тој ги гледа работите сосема поинаку и дека е важно Србија и Хрватска да имаат добри односи.
На прашањето за вооружување на Хрватска, Вучиќ рече дека нема ништо против тоа, бидејќи Хрватска е суверена земја и може да носи свои одлуки, исто како и Србија.