Кипарскиот претседател Никос Христодулидис, како и шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос изразија задоволство од изборот на Република Кипар за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2025-2027 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипар, исто како и Македонија за првпат станаа членки на конкретниот совет, заедно со уште 16 земји по гласањето во Обединетите нации.

-Изборот на Кипар, за прв пат, во Советот за човекови права на ОН за 2025-2027 е одличен резултат за нашата земја! Тоа ја покажува почитта и довербата што постои за нашиот Кипар да учествува во важните организации на системот на ОН, напиша Христодулидис на платформата „Х“ и им се заблагодари на земјите членки кои ја поддржаа кипарската кандидатура.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека добиле 167 гласа „за“ од 189 земји-членки кои учествувале во гласањето.

Шефот на дипломатијата Константинос Комбос за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека е важен успех за земјата.

-Уште поважен е фактот што успеавме да бидеме избрани втори во географската група во која учествуваме со голем број гласови, што е особено важно. Собравме 167 гласови од 189 земји-членки кои учествуваа во гласањето. Ова е уште еден доказ дека се проширува нашиот дипломатски хоризонт и нашата цел е државата да биде активна како членка на меѓународната заедница, рече Комбос.

За нови членки на Советот, освен Кипар и Северна Македонија беа избрани и Бенин, Боливија, Колумбија, Чешка, Демократска Република Конго, Етиопија, Гамбија, Исланд, Кенија, Маршалските Острови, Мексико, Катар, Република Кореја, Шпанија, Швајцарија и Тајланд.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2024 04:04