Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ ќе биде домаќин на претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган, кој денеска попладне и утре ќе престојува во официјална посета на Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според програмата на посетата, претседателите Вучиќ и Ердоган утре ќе одржат состанок по што ќе се одржи четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Република Србија и Република Турција. По средбите предвидено е свечено потпишување на договори и изјави за медиумите, а Вучиќ и Ердоган ќе присуствуваат и на бизнис форум.

Ердоган пред да пристигне во Белград денеска ќе ја посети Тирана.

Според турските медиуми ова ќе биде почеток на „дипломатски маратон“ на Ердоган, бидејќи по Белград тој на 22 октомври ќе отпатува за Казан, Русија, каде што ќе се одржи 16. Самит на БРИКС, каде е предвидено да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Ова е трета посета на Ердоган на Србија во изминатите пет години. Тој последен пат ја посети Србија во септември 2022 година.

Вучиќ тогаш побара од турскиот претседател помош за испорака на струја од Азербејџан во Србија и изјави дека со Ердоган разговарал за поголема воена соработка и поголема соработка помеѓу наменските индустрии на Србија и Турција. Тој повтори дека Србија сака да купи турски беспилотни летала „Бајрактар“, но набавката никогаш не е реализирана. Тогаш беше потпишан и протокол со кој им се овозможува на државјани на Србија и на Турција патување само со лична карта.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2024 04:06