Светскиот шампион во Формула 1 од 2016 година, Нико Розберг, предупреди дека постои опасност Астон Мартин да стане еквивалент на ПСЖ на светскиот шампионат - да собере многу ѕвезди и да не постигне успех.
Со парите на сопственикот Лоренс Строл, Астон Мартин ги привлече некои од најпознатите имиња во Формула 1 - Себастијан Фетел, потоа Фернандо Алонсо, а неодамна и најуспешниот дизајнер во историјата на спортот, Адријан Њуи.
Покрај ова, Астон Мартин го ангажираше поранешниот шеф на програмата за мотори на Мерцедес, Енди Кауел, а Строл ја надгледува изградбата на новата база на тимот во Силверстоун.
-Погледнете што се случи со ПСЖ во фудбалот. Ги зедоа Меси, Нејмар и Килијан Мбапе, сите тројца во исто време. Тројца од најдобрите фудбалери во историјата и нивните други играчи се исто така многу добри. А ПСЖ никогаш не успеа да ја освои Лигата на шампионите. Секако, одлично е кога ќе успеете да ги привлечете најдобрите, но тие мора добро да соработуваат. Адријан Њуи нема да може сам да направи автомобил за освојување на светската титула. Ќе му треба остатокот од тимот. Дали тоа ќе се случи, останува да видиме, изјави Розберг.