Во синоќешната емисија на телевизија Клан, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, го изрази ставот на партијата за работата на синдикатите и нивните барања.

Според Стојаноски, иако во овие 100 дена не е постигнат „квантен скок“, но дека сите во земјава се свесни за потребата од ребаланс на буџетот.

„Истите тие синдикати кои повикуваат на промени, сите кои штрајкуваат, сега земаат редовна плата“, потенцираше тој, повикувајќи ги синдикатите да продолжат да бидат гласни во иднина.

Стојаноски нагласи дека за нормална бизнис клима е потребно инвестирање во правната држава.

„Мора да направиме подготвителен план за правна држава да биде ефектуирана на начин каде ќе дадеме комплетна поддршка“, додаде Стојаноски.

Пратеникот заклучи дека новата власт не е дојдена да постапува исто како претходната, туку за да воспостави мерит систем.

Во контекст на економските мерки, тој истакна дека новиот модел на кредити ќе вклучува услови кои компаниите ќе мора да ги исполнат во однос на процент на искористеност.

„Отвореноста на институциите и транспарентноста во комуникацијата со приватниот сектор ќе бидат на поквалитетно ниво, што ќе помогне во брзото решавање на проблемите“, рече Стојаноски.

„Ако сакаме да градиме економија базирана на инвестиции, мораме да ги максимизираме капиталните инвестиции“, нагласи тој, истакнувајќи ја важноста на инфраструктурните проекти.

„Кога ќе ги вложите средствата во стопанството, тие ќе можат да го кренат приватниот сектор и да генерираат поголемо производство“, заклучи Стојаноски, потенцирајќи дека планот е да се бустира економијата преку поддршка на општините и капиталните проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2024 05:55