Макропрудентната политика на Народната банка придонесе за дополнително зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор во изминатите неколку години на постојани кризи. Соодветната комбинација на мерки и политики овозможи повеќе показатели за здравоста на банкарскиот систем тековно да се подобри и во однос на преткризните нивоа. Ова беше посочено на состаноците на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска со високи претставници на Светската банка, потпретседателката Антонела Басани, извршниот директор на Конституенцата на која ѝ припаѓаме, Јуџин Ругенаат, како и тимот на Светската банка за платните системи, за време на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите беа одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим.

На средбата со претставниците од Светската банка беше посочено дека и покрај шоковите од невидени размери, банкарскиот сектор ја зголеми својата отпорност што јасно се гледа од повеќе индикатори. Адекватноста на капиталот е значајно зголемена на 19% што е највисоко ниво во изминатите две децении. Ликвидноста на банките е на високо ниво. Квалитетот на кредитното портфолио е подобрен во однос на предпандемискиот период со учество на нефункционалните во вкупните кредити од околу 3%.

На средбите стана збор за натамошната соработка со Светска банка, која преку повеќе проекти дава техничка помош за дополнително јакнење на капацитетите на земјата и на централната банка за унапредување на макропрудентната рамка, управување со климатските промени, оформување на регулаторната рамка за решавање банки, како и модернизирање на платните системи. Светската банка обезбеди техничка помош за Народната банка во процесот на изработката на Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, како и за зајакнување на рамката за следење на системските ризици, во насока на јакнење на отпорноста на финансискиот систем, како основа за макроекономската стабилност. Светската банка дава поддршка и во изработка на подзаконската регулатива за Законот за решавање на банки, кој ќе стапи на сила од октомври 2025 година, а ќе се побара и техничка помош за усогласување со Законот за банки.

Во делот на зелените финансии, Светската банка ѝ пружи поддршка на Народната банка за подготовката на тригодишен план на активностите на Народната банка, во доменот на управувањето со ризиците од климатските промени. Во следниот период Народната банка ќе биде посветена на приспособувањето на супервизорскиот пристап, методологијата за стрес-тестирање на банките од аспект на климатските ризици и за вршење подлабински анализи на овие ризици во банкарскиот сектор.

Во насока на имплементација на активностите на Берлинската иницијатива и Акцискиот план за заеднички регионален пазар за периодот 2021-2024 поддржан од Европската Комисија и Светската банка, а со кој е предвиден и развој на модерен платен систем за инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, на средбата со тимот на Светската банка се дискутираше и за можностите за имплементација на клонот на ТИПС системот во нашата земја. Клонот на ТИПС системот кој го развива Банката на Италија за извршување на инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, се разгледува од Народната банка како една од можностите за обезбедување побрзи, поедноставни и поевтини плаќања за граѓаните и компаниите.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2024 17:17