Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во интервју за Поглед.мк, се осврна на актуелните политички прашања.

Мицевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ, како и секоја политичка партија, како во Македонија, така и во светот, нормално е да напредува и паралелно да ги следи политичките и општествените текови и случувања.

„ВМРО-ДПМНЕ е народна партија која што постојано се развива, расте и еволуира. Сметам дека тоа е нормален и континуиран процес кој ниедна партија не може и не смее да го заобиколи и избегне. Сепак, мислам дека кај нас има политички партии кои што свесно се обидуваат и пружаат отпор на овој процес, но за жал тие остануваат заглавени во минатото, не можејќи да ги задоволат потребите и барањата на своите гласачи, но и генерално на сите граѓани на Македонија’’, рече Мицевски.

Во однос на прашањето за приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ во овој парламентарен состав, тој појасни дека приоритетите се исти они кои што ги ветувале во предизборната кампања.

„Заложбите на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија се евроинтеграција на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата, забрзан развој на македонската економија, рамномерен регионален развој, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, подобрување на патната и железничката инфраструктура, како и градење на добри односи со сите соседи, но и со сите држави и влади во светот’’, додаде Мицевски.

Мицевски дополни дека ВМРО-ДПМНЕ е македонска партија која што е демократска, отворена, и партија која што секогаш прифаќа различни мислења.

„Без разлика дали станува збор за мислења и идеи кои доаѓаат од високи партиски функционери или пак од месните комитети, од член и активистите. Токму тоа е силата и предноста на ВМРО-ДПМНЕ како народна партија’’, заклучи тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2024 19:17