Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) и кандидат за премиер на коалицијата предводена од неговата партија на парламентарните избори на 9 февруари 2023-та, Љумир Абдиџику вети дека со него на чело Косово ќе влезе во НАТО и во Европската унија и секогаш ќе биде на страната на Соединетите Американски Држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешното изборно собрание на Албанската демохристијанска партија на Косово (ПШДК), која е во коалиција со ЛДК, Абдиџику ја нарече актуелната косовска Влада, предводена од премиерот Албин Курти, „неспособна и популистичка... но пред сé опасна“.

„Република Косово денес е предводена од оние кои не веруваат во него, од една неспособна и популистичка влада, чија цена е неприфатлива за сите граѓани без исклучок, но пред сé опасна за темелите што ги граделе нашите два политички субјекти (ЛДК и ПШДК) низ 35-годишната историја. Судирот со нашите суштински сојузници, со оние кои ни ја донесоа слободата, демократијата и независноста, е неприфатлив за секој десничар и секој патриот во Косово“, рече Абдиџику“

Оценувајќи дека „Косово е во длабока економска криза“, опозицискиот лидер порача дека „десницата не може и не смее да ја прифати“ ситуацијата во која земјата ја донесе владата на Курти.

„...Затоа, нашето присуство е витално, неопходно, затоа претстојните избори треба да ги сфатите како витални. ЛДК и ПШДК имаат и политички, човечки и професионален потенцијал, но пред се имаат волја и знаење за десничарскиот, идентитетски постулат на Република Косово, независна и суверена косовска држава, членка на НАТО и европска Унија, трајно сојузништво со САД, да го задржи како постулат на сегашноста и иднината без никаков компромис. За ова се залагаме, за ова се залагаме заедно“, рече кандидатот за иден премиер на Косово.

Нагласувајќи ги блиските односи на ЛДК со ПШДК, Абдиџику порача дека на Косово му е потребна оваа десница.

„Вистинските односи меѓу ЛДК и ПШДК започнаа од самиот почеток со историскиот претседател д-р Ибрахим Ругова и како такви тие претставуваат јасна визија за независна и демократска република... Денес мора да градиме евроатлантско Косово, денес во овој период на предизвици потребно е да продолжиме да ги чуваме и пренесуваме вредностите, да се посветиме на соработка која треба да ја придвижи државата напред“, рече Абдиџику.

На денешното, 11-то изборно собрание на ПШДК, Зеф Морина го доби вториот мандат чело на партијата, а беше избрано и новото партиско Генерално собрание



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2024 05:08