Поранешниот генерален конзул на Косово во Канада, Донат Сиља, вели дека не треба да има позиционирање на косовските државни челници околу тоа кој треба да победи на изборите во Соединетите Американски Држави, што ќе се одржат идниот вторник, на 5 ноември, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за порталот „Економиа онлајн“ (ekonomiaonline.com), Сиља вели дека државата треба да има ист пристап кон САД, без оглед на тоа кој ќе победи, бидејќи, според него, и републиканците и демократите, секогаш кога имало потреба, го поддржувале Косово.

Тој нагласи дека без разлика кој е победник, Доналд Трамп од Републиканската, или Калама Харис од Демократската партија, Косово мора да покаже мудрост и да пристапи кон секоја американска администрација со афирмативна политика, за да има корист, како што постојано имала корист, од нивните политики на Балканот.

„Јас сум противник на сите што се редат зад републиканците или демократите за тоа кој ќе победи, или кој ќе биде подобар за Косово. Мора да им пристапиме на САД со исто вреднување, на ист начин, без разлика кој е победник. Имаме доволно докази и за републиканците и за демократите дека биле на страната на Косово“, рече Сиља.

Тој ги спомена придобивките кои Косово ги имало од САД и во времето кога во Белата куќа престојувал демократ, и тогаш кога бил во неа бил републиканец.

„Кога Бил Клинтон беше претседател, се ослободивме од Србија, додека во 2007-2008 година, кога беа републиканците, Џорџ Буш, ја добивме независноста на Косово во координација со САД. Без разлика дали тоа ќе биде Камала Харис или Доналд Трамп, ние мора да покажеме мудрост и пристап со многу афирмативна и многу соодветна политика кон секоја американска администрација за да имаме корист како што повеќепати имавме од нивните политики на Балканот“, вели Сиља.

Според него, со оглед на војните што се случуваат на Блискиот Исток и во Украина, вниманието на САД повеќе ќе биде насочено кон тие земји, но нема да се остави настрана ниту Балканот.

„Ние сме во многу сложена глобална ситуација, гледате дека има конфликти насекаде, сега со она што се случува на Блискиот Исток, војната која трае веќе повеќе од две години во Украина, тоа е многу сложена глобална ситуација каде што вниманието на САД е толку големо во тие региони што предизвика проблемите на Балканот на одреден начин да бидат запоставени. Проблемите на Балканот се проблеми на кои САД сега им посветуваат помало вниманието, но тоа не значи дека САД се откажале од Балканот. Напротив, со присуството на американски војници во КФОР, тоа е голема безбедност за нас“, рече Сиља.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2024 06:33