Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците со низа настани и свечености ќе го одбележат празникот 7 Ноември и 80–годишнината од ослободувањето на градот во Втората светска војна.
Богатата програма започнува в среда со две замостојни изложби во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ на авторите Нина Ангелоска и Славко Упевче.
Веднаш по отворањето на изложбите следува Свечената академија на која ќе се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, проследена со културно-уметничка програма, како и музичко-сценски перформанс.
Настаните на самиот празник – Денот на ослободувањето 7 Ноември започнуваат од 10 часот со патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“, а ќе биде положено цвеќе пред спомен обележјата од НОБ на Градските гробишта, во Градскиот парк, пред Основниот суд и во дворот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“. Во исто време во селото Рамне ќе се одржи Панихида пред споменикот на провоборецот Јасна Ристеска.
Во 11 часот цвеќе пред обележјата од НОБ во Спомен-паркот на Револуцијата ќе положат претставници на ОО Сојуз на борци.
Од 13 часот на стадионот на „Билјанини Извори“ почнуваат натпреварите од Европскиот куп во параглајдинг „Охрид 2024“, каде свои поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот Кирил Пецаков и министерот за спорт Борко Ристовски.
Истовремено во Големата сала на Општината ќе се одржи и промоција на книгата „Охридски летопис“ од авторите Павле Митрески и Димитар Смилески.
Попладнето од 17 часот ќе се одржи свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во спортската сала „Билјанини извори“, а во 19 часот ќе се одржи седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, во концертната сала на училиштето.
Програмата продолжува и утредента за кога е предвидена промоција на книгата „Тие доаѓаат“ од ученици од охридските училишта, додека на 9 ноември во 18 часот ќе биде одржана промоција за книгата „Модра мрежа“ од авторката Марина Икономова Шоќева.