Централиот одбор на СДСМ донесе одлука дека на 24 ноември 2024 година ќе се одржи 30-тиот Конгрес на партијата на кој ќе се избре новиот Централен одбор и ќе се разговара за идните политики на партијата.

Како што информира СДСМ, согласно одлуката на Централниот одбор, на 30-тиот Конгрес ќе бидат предложени измени на Статутот на СДСМ со воведување на уште еден организациски секретар и со прецизирање на принципите на родова еднаквост за избор на заменик-претседател на СДСМ.

-Воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата, се наведува во соопштението.

Седницата се одржала на работ на кворум, а отсуствувале поранешниот лидер Димитар Ковачевски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ, досегашните потпретседатели Стефан Богоев и Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничката Славјанка Петровска, Андреј Петров, Петре Шилегов и неколку членови на Извршниот одбор, повеќе пратеници…

Од фотографиите објавени од седницата токму на страницата на СДСМ, може да се забележи дека на работната маса лидерот го придружува еден член на стручните служни на Бихаќка и Јон Фрчковски, во непознато својство.На вчерашната попладневна седница на Централниот одбор на СДСМ се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во земјата.

Според СДСМ, заедничка е оценката дека интензивната работа во изминатиот период води до консолидација на партијата и забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до посетепено враќање на довербата.

-СДСМ и во опозиција останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се спротивставува на погрешните политики на власта, но и со активностите кои значат грижа за стандардот на граѓаните, преку законски решенија во Собранието, стои во соопштението



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2024 10:00