Јавниот превоз во главниот град е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Во Скопје сообраќаат само 25 автобуси. Дел од партиите нудат решенија и бараат оставка од градоначалничката на Град Скопје.

Проблемот со јавниот превоз клуминираше вчера кога поради недостиг на гориво, најголем дел од автобусите беа паркирани во базите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.

Претседателите на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ и на синдикатот во ЈСП при Сојузот на синдикати на Македонија вчера во изјави за МИА потврдија дека состојбата е алармантна.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески за денеска попладне закажа вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена, напиша Славески преку социјалните мрежи.

Во меѓувреме советничката група на СДСМ на прес-конференција презентираше предлози за надминување на кризата. Оттаму предлагаат Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.

- Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани. Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.

Од Либерално демократската партија пак преку соопштение побараа оставка од градоначалничката Арсовска.

Колапсот на градскиот превоз изминатите два дена, како што наведуваат, е последното дно кое го допре моменталното градско раководство, „оперирано“ од срам, било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.

- Секојдневните смени на директори на јавните претпријатија, хаосот во работењето на градските служби, нехигиената во градот, запоставувањето на Зоолошката градина, загадениот воздух се само дел од причините зошто Данела Арсовска мора час поскоро да ја поднесе оставката и да се надмине оваа агонија која скопјани ја живеат секој ден. Покрај општото безредие кое владее во градот изминатите години, колапсот на јавниот превоз и измрзнатите граѓани по автобуските станици утринава се дополнителни аргументи предлогот на ЛДП за отповикување на градоначалници да биде поддржан во Собранието по итна постапка, наведува ЛДП во соопштението.

Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.

– Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат, наведуваат од Град Скопје.

Од Бирото за јавни набавки денеска ги отфрлија ставовите во соопштението од Град Скопје како непримерни и непрофесионални.

- Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа всушност е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП. Управната контрола, имајќи го тоа предвид, дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведена управна контрола. Имено, со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дала инструкции комисијата за јавна набавка да ја стави вон сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката. Таквите инструкции се согласно член 177 став 3 од законот. Напоменуваме дека ЈСП не ја искористил ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во законот, од едноставна причина што станува збор за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката кој не може да биде поинаков, а да биде согласно со законот, велат од Бирото за јавни набавки.

За утре се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот ако не се реши проблемот со јавниот превоз



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2024 02:43