„Последниот танц на сцена“ е музичкиот настан со кој радио водителот и музички новинар Драган Б. Костиќ ќе го одбележи 50-годишниот јубилеј на легендарната радио емисија „Диско селектор“.
Настанот ќе се одржи в петок, 29 ноември во салата на спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, организатор е „Авалон продукција“, а на прес конференцијата по тој повод беше истакнато дека се работи за проект што треба да прикаже дел од напорната работа за креирање емисија која што е дел од музичката историја на овие простори.
-Овој проект се базира исклучиво на некаква идеолошка близина меѓу она што ние како фирма го работиме во изминатите 30 години и тоа што како деца сме го учеле од Драган Костиќ, пред да ја почнеме оваа работа. Не би застанале зад некој водител кој што работел нешто што е контра принципите на работата на „Авалон продукција“, а сигурен сум дека и тој не би одбрал неговиот последен проект да му го работи некој кој што музички идеолошки се коси со тоа што го градел тој како кариера изминативе 50-60 години. Во секој случај ќе биде интересен проект и технички бината ќе биде на едно сериозно светско и европско ниво, истакна Бобан Милошевски од „Авалон продукција“.
Авторот на „Диско селектор“, Драган Б. Костиќ нагласи дека големиот број изданија на емисијата во текот на петте децении биле реализирани не заради стекнување популарност, туку за да им овозможи на слушателите да одберат квалитетна музика од тој период.
-„Диско селектор“ почна на 29 јуни 1974 година, официјално на Македонското радио, а заврши на 29 јуни 2014 година и јас се работев две недели повеќе од работниот стаж. Се обидував што е можно повеќе, врз основа на сопственото искуство, кое од година во година стануваше сѐ поголемо, на луѓето, особено на помладите, да им покажам што е квалитетно, што е добро. Знам дека со вкусовите нема играње, секој има право на сопствениот вкус, но ако некој со искуство ти каже - ова не е така лошо, послушај го, можеби ќе научиш нешто - и ако послуша, значи јас сум оној кој добил покрај него, истакна Костиќ.
Според Костиќ, „Последен танц на сцена“ претставува симболика за откажување или престанок на активност на големи простори.
-Бидејќи 50 години сум во оваа сфера, па секоја бројка изгледа многу голема. Кога ќе кажеш 14.000 емисии луѓето не можат сфатат што е тоа. Тоа се 14.000 изведбени часови, во траење можеби се и 16.000, па пресметајте колку тука има работа за да биде пренесена, нагласи Костиќ.
Додаде дека ниту една снимка од емисијата „Диско селектор“ не е зачувана во архивите на Македонското радио, а подготвува интернет портал на кој покрај оваа, ќе се најдат и други музички радио емисии што ги работел досега