Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски информира дека синоќа почна новогодишното украсување на улиците во општината.

- И оваа година со празнично украсување внесуваме новогодишна магија во секое катче на нашата општина. Со внимателно одбрани декорации, елки, светлосни фигури и уникатни украси, целта е да создадеме атмосфера што ќе ги инспирира и обедини сите наши сограѓани, вели Герасимовски.

Празничното украсување ќе се реализира на повеќе локации, со посебен акцент на познатите јавни простори како Сквер Јадран, Боемска, Сквер Капиштец и паркот Капиштец, кои ќе блеснат во светлоста на празниците.

- Дополнително, ќе се постават дрвени куќички и декорации кои ќе ја надополнат зимската бајка. На плоштадот „Јадран“ ќе биде организиран новогодишен базар, кој ќе се одржува неколку дена пред новогодишната ноќ, со бројни настани и забави. Во моментов се договараат македонски музичари кои ќе ги забавуваат граѓаните предновогодишно.Целта на овој ангажман е да се поттикне заедничко празнување, радост и оптимизам во пресрет на Новата година. Општина Центар продолжува со својата посветеност да го направи овој период од годината посебен за секој жител и посетител. Планот е до 2 декември Општината да биде во новогодишна бајка, истакнува Герасимовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2024 17:03