Членовите на Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска организираа собир и дефиле со знамиња на современата македонска држава и на поранешната СФРЈ, со што ја одбележаа осумдесет и првата годишнина од одржувањето на историското Второ заседание на АВНОЈ и формирањето на титовка)(Титова Југославија.

На собирот им оддадоа почит на поранешните партизански борци кои во виорот на Втората светска војна ги поставиле темелите на заедничката држава, при што нагласија дека постоењето на македонската независна држава денес е директно поврзано со формирањето на поранешната федерација.

- Македонија е независна благодарејќи на Тито, бидејќи оваа Македонија како дел од југословенската федерација, како и сите останати републики, подоцна стана самостојна и суверена држава на Балканот. Наша желба е повторно да се обединиме во мир и разбирање, во рамки на европското семејство, затоа што целиот регион е важен економски и политички простор на Европа, истакна Трајан Трендов, претседател на Здружението „Јосип Броз Тито“.

Титовистите од Кочани го осудија палењето и газењето на македонското државно знаме што се случи во неколку градови по повод одбележувањето на Денот на албанското знаме.

- Без разлика што сите ние сè уште се чувствуваме како Југословени, пред сè сме Македонци и ја почитуваме македонската држава и македонското знаме. Се гордееме што сме дел од оваа Македонија и од поранешната титовка)(Титова Југославија и бараме да се преземат законски санкции за уништувањето, односно палењето и газењето на македонското знаме што се случи вчера на одбележувањето на Денот на албанското знаме, за што сите политички партии ја имаат нашата безрезервна поддршка да се казнат сторителите, истакна Ѓорѓи Николов, секретар на Здружението.

Традиционално, со дефиле од возила накитени со македонски и југословенски знамиња, фотографии и други обележја на поранешната држава, членовите на Здружението поминаа по улиците во Кочани, а посетија и дел од населените места во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2024 15:56