Во Манастирот „Покров на Пресвета Богородица и Свети Леонтиј“ во Водоча вечерва се одржа Свечена духовна академија во чест на патронот на Струмица - Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици, на која со одлука на Струмичката епархија при МПЦ-ОА им се додели столен медал од прв ред на Светиот македонски крст на градоначалникот Костадин Костадинов и на Советот на Општина Струмица.
Според Епископот Стобиски Јаков ваквата одлука се должи на благодарноста на Црквата за поддршката за сите проекти кои биле иницирани од нејзина страна.
-Тоа што мене исклучително ме трогна, а беше значајно за Црквата, а знаете дека црквата во Македонија никогаш гласно не говорела и особено така гласно не се спротивставила на ништо досега како на онаа закана којашто ја имавме, закана за дехуманизација не само на нашиот народ, туку на целото човештво преку едни несреќни закони кои се предлагаа. Нема да го коментирам тоа, туку тоа што мене ме трогна е сведоштвото и кога сакаше од страна на нашиот народ да му се наметне поларизација и поделба, да бира меѓу идеологиите пропагирани од одредени идеолошки и политички центри однадвор и да бира меѓу евангелската вистина и да бира меѓу Богочовекот Христос и принципите на коишто тој не повика да живееме и тоа што го направи градоначалникот на Струмица - отворено и гласно кажа дека тој е чедо, дете на Свети петнаесет и дека за него нема никакви дилеми, истакна Епископот Стобиски Јаков.
Градоначалникот Костадинов во своето обраќање истакна дека ова признание му е најдраго.
-Денеска се потсетувам на навистина важни моменти од мојот живот кога бев исправен пред сериозен предизвик да изберам она што е 1.700 години градено на ова тло, меѓу овие храмови од 9 и 10 век и меѓу поделбите. Живееме во премногу поделен свет, поделено општество. Јас потекнувам од политичка партија и споделувам своја политичка идеологија со којашто ги негувам моите лични вредности. Но, тоа е нешто интимно и за жал некои не успееја да разберат дека и над таа идеологија на вредности има нешто повисоко и поинтимно, а тоа е вербата во Бог, рече струмичкиот градоначалник.
На Свечената духовна академија беше изведена богата културна програма, а присуствуваа митрополитите на Дидимотика, Дамаскин и Захумско-херцеговскиот, Димитриј, директорката на Комисијата за односи меѓу верските заедници, Оливера Трајковска, членови на Советот на Општина Струмица, градоначалници од регионот, граѓани и верници.
Одбележувањето на Денот на заштитниците на Струмица - Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици почна попладнево со празнична Вечерна богослужба, а продолжува утре со Света Архиерејска литургија во чест на Светите Петнаесет во истоимената манастирска црква.
Утре ќе се одржи и свечена седница на Советот на Општина Струмица, на која за значењето на празникот ќе говори градоначалникот Костадин Костадинов. Покрај тоа, ќе бидат доделени и традиционалните годишни награди и награда за животно дело на истакнати поединци и организации за 2024 година