„НАТО по Самитот во Вашингтон" била темата на десеттата по ред НАТО студентска симулација што се одржала вчера во организација на Евро-Атлантскиот Совет, како резултат на интересот за студентските симулации и сите настани од ваков карактер во земјата.

Како што соопштија од Евро-Атлантскиот Совет, настанот претставувал практично младински самит, каде студентите симулирале самит на НАТО, превземајќи улоги на шефови на држави или влади и претставници на медиумите.

– Настанот беше високо образовен поради тоа што им овозможи на студентите поблиску и подлабоко да се запознаат со прашањата на НАТО, безбедноста. дипломатијата и меѓународната политика, овој пат со фокус на војната во Украина и останати глобални предизвици. Самата симулација беше како завршен настан од четвртата НАТО академија, каде што покрај теоретскиот дел, студентите имаа можност практично да го покажат своето стекнато знаење, изјавил Илија Џугуманов од Евро-Атлантскиот Совет.

Учесници во симулацијата биле над 35 студенти и млади професионалци, кои биле соодветно подготвени за симулацијата да ги претставуваат земјите членки на НАТО и претставниците на медиумите.

Симулацијата ја отворил Илија Џугуманов, проект директор и генерален секретар на Евро-Атлантскиот Совет.

По завршувањето на презентациите по правилата на НАТО, се посочува во соопштението, учесниците покажале особен интерес во дебатата и донесувањето на декларацијата од Самитот на Алијансата. Учесниците дискутирале, дебатирале и се согласиле за усвојување на декларација за време на симулацијата.

Како специјален гостин на настанот Ангела Агелер, амбасадор на САД им се обратила на младите по што ги доделила сертификатите за учество.

Првпат, ваква симулација била организирана во 2010та година. Овој проект бил спонзориран од Секторот за јавна дипломатија на НАТО, а поддржан од едукативниот центар М6.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2024 12:27