Државата ќе мора да создаде услови, за да се подобри квалитетот на наставата и социјализација на децата, процесот за едносменска настава е дел од стратегијата на Министерката за образование и наука, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилница во Гостивар, на која беше претставен Документот за политики за степенот до кој Република Северна Македонија ги искористува расположивте ресурси за образование.

Таа ги повика градоначалниците да ги ангажираат и да искористат дел од средствата што се предвидени со унгарскиот заем за вложувања во училиштата.

Министерката Јаневска смета дека доколку државата сака да напредува ќе мора да вложува во образованието на учениците и воведувањето на едносменското работење е подолготраен процес.

- Ако младите луѓе ни останат во темнина, нема напредок на државата. Она, во што една држава треба најмногу да вложува е образованието и младите луѓе кои утре треба да ја преземат државата. Затоа го правиме овој тежок процес. Сигурна сум дека ќе успееме во неговото спроведување и ќе вроди со плод, рече Јаневска.

Таа оцени дека средства за одржување на многу училишта треба да се пренасочат кон образовниот процес и оптимизацијата на мрежата. Предвидено е децата од прво до петто одделение да работат со две учителки и по завршување на обврските да си одат дома. За средношколците и учениците од 6 до 9 одделение, да следат настава само во претпладневна смена. На дебатата се зборуваше за начинот како да се спроведе оптимизација училишната мрежа и потребата децата од рурални средини кои учат во комбинирани паралелки да следат настава во централните училишта.

Свои видувања дадоа и претставници од УНИЦЕФ, општини од западниот дел, Бирото за развој на образованието.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер посочи дека денеска во Гостивар се присутни претставници од 23 општини, директори на училишта и оние кои се засегнати со процесот на оптимизација на мрежата на основни училишта.

- Ќе ги разгледаме можностите за што поефикасен начин да се искористи таа инфраструктура што постои во земјава. Десет општини веќе го почнаа тој процес лани и резултатите веќе се гледаат, рече Милер.

За Ваљбон Лимани, вршител на должност градоначалникот на општина Гостивар, воведувањето на целодневната настава е приоритет за гостиварските училишта.

- Овој елемент за нас е битен, бидејќи целодневната настава ја бараат родителите. За поквалитетен образовен процес, секако важни се и други реформи кои би требало да се спроведат во иднина, рече Лимани.

На новинарско прашање што е предвидено за општини каде нема услови заради бројноста на учениците да се воведе едносменска работа, министерката Јаневска појасни дека се работи на план за проширување на капацитетите.

- Со моментов со Светска банка работиме на проект во кој се вклучени 22 општини во кои се планирани доградби на училници од две до осум. Ако некаде е потребно повеќе, тогаш ќе градиме и училишта, рече министерката Весна Јаневска.

Таа упати апел до градоначалниците да аплицираат за користење на средствата во износ од 250 милиони евра наменети за локалните самоуправи и од нив да вложуваат во изградба на училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2024 13:49