Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ денеска ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека таа е виновна за прекинот на седницата на која на дневен ред беше Предлог-законот за буџетот и додаде дека токму пратениците од опозицијата деновите пред седницата најавиле дека таа ќе биде прекината.
Таа ова го истакна откако пратениците од дел од пратеничките групи на опозицијата поднесоа барање за нејзино разрешување од функцијата претседател на српскиот Парламент, поради прекршување на Уставот, Законот за Народното собрание и Деловникот на таа институција при донесувањето на Законот за Буџетот за 2025 година.
На прес-конференцијата Брнабиќ рече дека направила се за да се одржи таа седница и да се овозможи расправа за новиот буџет и пропратните закони, но дека сите граѓани можат да видат „кој најавил дека седницата нема да се одржи и дека ќе ја блокираат“.
Брнабиќ рече дека ден пред таа седница одржала седница на Колегиумот на која се разговарало за тоа како ќе се одвива расправата и дека на почетокот на седницата и дозволила на опозицијата да ги образложи своите предлози за дополнување на дневниот ред.