Бегството на Артан Груби е очајнички обид и признавање на вина за случувањата во Државна лотарија, вели вицепремиерот Александар Николоски.

Тој вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител посочи дека прв го објавил скандалот со Лотарија и дека прашање на време е кога Интеропл ќе го испорача Груби на органите на прогонот.

-Бројни обиди правеше Артан Груби да го промени Законот за игри на среќа мислејќи дека на тој начин ќе си го амнестира криминалот и не успеа заради нашиот отпор. Лотарија беше перална на пари, дувло на криминал на СДСМ и ДУИ. Братски го правеа тоа, фронтмен беше поранешниот шеф на кабинет и после тоа директор на Лотарија. Но убеден сум дека меѓународната потерница ќе вроди со плод и прашање на недели ќе биде само кога ќе го видиме на граница како Интеропол ќе ги донесе и верувам дека не само за овој случај, туку и за други случаи ќе одговараат, истакна вицепремиерот Николоски.

Според него, јасно било зошто ДУИ ги пролонгирал барањата за предвремени избори од причина за да ја средат работата во Лотарија, надевајќи се дека нема да одговараат.

-Политички договор нема со ДУИ. Морален хазард е СДСМ да обвинува за ДУИ затоа што до последен ден тие остануваа со ДУИ, тие премиер дадоа Албанец само да бидат во влада. Тие пола држава дадоа на ДУИ само за да бидат во влада, тие бланко гласаа се во Собранието и кои го амнестираа криминалот на ДУИ. СДСМ ќе има морален кредибилитет да критикува само кога ќе се реформира и кога ќе се извини за тоа што го правеа, нагласи Николоски.

Тој рече дека очекува во иднина и други случаи за злоупотреби да се отворат поврзани со РЕК Битола.

-На пример како тоа една компанија добиваше тендери за ископи, па потоа добиваше идентичен тендер, па како исти анекси добиваше и во двата тендери. Потоа, како една компанија само таа добиваше тендери, а на електронската аукција никој друг не се пријавуваше. И затоа цената на електричната енергија скоро и да се дуплираше, па требаше од буџетот да се плаќаат субвенции за граѓаните да не го почуствуваат тоа, ама затоа компаниите и стопанството го почуствуваа. Така да, ова се случаи коишто очекувам да ги разгледа Обвинителството заедно со МВР и Финансиската полиција и да дадат одговори пред јавноста, да бидат процесуирани но и да ги вратат парите оние коишто учествуваа во овие активности коишто се на штета на буџетот и на граѓаните, истакна вицепремиерот Николоски.

Тој потенцира дека сега на потег е судството да одговори соодветно, бидејќи очекува целиот фокус на јавноста да е насочен кон него.

-За жал состојбата во судството е таква каква што е, но очекувам да се издигне на задачата и да ги дадат одговорите на граѓаните, рече Николоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2024 00:30