Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља објави дека од утрово се затворени паралелни општини на Србија, поштите и даночните канцеларии во десет различни општини - Липљан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац и Србица.

„Заедничката акција ќе стави крај на ерата на српските паралелни и криминални општини и институции во Република Косово“, нагласи Свечља.

На видеото што го објави Свечља се гледа и косовскиот министер за локална самоуправа Елберт Красниќи, кој рече дека „од денеска конечно се затворени 28 паралелни криминални српски општини на Косово и нивните пет окруизи“.

Властите во Косово велат дека работата на тие српски институции, шпто функционираат од повоениот период во 1999 година, е „незаконска“ и почнале да ги затвораат на почетокот на минатата година.

На 9 февруари во Косово ќе се одржат парламентарни избори, а изборната кампања е во тек.

Српска листа - најголемата српска партија во Косово - најави дека во текот на денот ќе одржи состанок и ќе им се обрати на медиумите.

Во Србија, премиерот Милош Вучевиќ рече дека „развојот на ситуацијата“ во Косово внимателно се следи.

„Ќе ги преземеме сите мерки за да го заштитиме српското население од нови напади на Албин Курти (косовскиот премиер), кој очигледно својата изборна кампања ја претвори во продолжување на малтретирањето на нашиот народ“, рече Вучевиќ.

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ оцени дека акцијата што косовската полиција ја спроведе денеска е „опасна ескалација“.

„Овие агресивни потези не се само напад врз институциите, туку јасен обид за поткопување на колективните права и идентитетот на Србите во Косово“, напиша Ѓуриќ на својот Инстаграм профил.

Тој изјави дека „оваа стратегија само ги продлабочува поделбите и ја загрозува стабилноста во регионот“ и ја повика меѓународната заедница јавно и недвосмислено да ги осуди овие постапки и да ги заштити правата на Србите на Косово.

Директорот на Канцеларијата на српската влада за Косово, Петар Петковиќ - кој моментално е во Брисел на првиот состанок на заедничката косовско-српска комисија за исчезнати лица - ја опиша акцијата како „напад“ и рече дека „таков терор го доведува во прашање самиот дијалог“.

„Јасно е зошто (главниот преговарач на Косово Бесник) Бислими денеска не се појави во Брисел“. Петковиќ по напуштањето на разговорите поради последното институционално насилство во Приштина врз Србите изјави дека околу 35 српски институции се затворени, вклучително и привремените тела, општините, центрите за социјална работа, подружници на Пошта Србија, јавија српските медиуми.

Ова е показател дека Курти не сака дијалог, туку насилство и директна конфронтација со српскиот народ на Косово и Метохија. Само во денешната незаконска акција Курти буквално остави 1.100 луѓе без работа“,нагласи Петковиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 02:34