Апел до сите угостителски објекти во Неготино, викендов да се воздржат од музика, во чест на 22 - годишната Фросина Кулакова која беше усмртена на улицата ,,Партизанска" во Скопје, е јавно упатен преку фејсбук група посветена на овој град.
- Ги замолуваме менаџерите и сопствениците на кафулиња, ресторани и кафеани, овој викенд да се воздржат од ангажирање на бендови и гласна музика, во знак на почит кон нашата Фросина, пишува во објавата.
Притоа се бара да се покаже солидарност и да се испрати јасна порака „доста е со сообраќајното насилство".
- Да не дозволиме ова да се повтори, е апелот упатен до јавноста.
Истовремено, протестен марш, насловен ,,Стоп за сообраќајното насилство", закажан е за во сабота во 14 часот во Неготино, информираа организаторите на настанот.
Објавена е и информација дека другарките на Фросина, организираат бесплатен автобус од Скопје до Неготино и назад, за сите што сакаат да присуствуваат на протестниот марш.