Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим ги прифати критиките на клупскиот косопственик Џим Ретклиф кон тимот, но нагласи дека сите се фокусирани на промена на мислењето откако милијардерот рече дека некои играчи или не се доволно добри или се премногу добро платени.
Иако Ретклиф даде блескава оценка за самиот Аморим, опишувајќи го Португалецот како „исклучителен млад менаџер“ кој ќе биде во клубот долго време, косопственикот беше критичен кон многу играчи - особено оние кои беа доведени за сериозни суми.
Манчестер Јунајтед се наоѓа на 14-тото место во табелата во Премиер лигата, со 36 бода помалку од лидерот Ливерпул, а Рубен Аморим призна дека нивниот настап заслужува критики.
-Да бидам искрен, во овој момент, сите - јас и сите играчи - имаме слаби перформанси оваа сезона. Можеме да го промениме тоа, па затоа се вклучувам себеси во тој дел од „слабите перформанси“. Зборуваме за играчи како Касемиро, на пример, кои освоија се со Реал Мадрид и знаеме дека ваквиот тип на играчи можат да играат многу подобро, така што тоа е нашата цел. Тој беше искрен за тоа. Ние сме фокусирани на тоа да го промениме неговото мислење, но и на сите други, изјави пред новинарите менаџерот на „црвените ѓаволи“.
Аморим додаде дека има добри односи со Ретклиф, откако тие се „навистина отворени и искрени“ еден со друг, а португалскиот менаџер, исто така, бил среќен што слушнал дека косопственикот јавно го поддржува.
-Ние сме доста слични. Отсекогаш сум ја чувствувал поддршката од бордот, а особено од Сер Џим. Но, постојано го кажувам истото - ни требаат резултати и треба да ги подобриме перформансите на тимот, рече тој.
Манчестер Јунајтед му гостува на шпанскиот Реал Сосиедад во реваншот од осминафиналето на Лигата на Европа во четврток, откако првиот натпревар заврши нерешено 1-1.
Мејсон Маунт ги продолжи тренинзите со тимот откако се опорави од повредата на мускулот што го оддалечи од терените од декември, но Рубен Аморим прокоментира дека натпреварот во четврток ќе биде прерано за играчот од средниот ред.
Мануел Угарте се враќа откако ги пропушти последните два натпревари на Јунајтед, но централните бекови Хари Мегваер и Лени Јоро ќе бидат недостапни во четврток.
Аморим, сепак, е оптимист дека Мегваер ќе се врати на неделното гостување во Премиер лигата кај Лестер Сити.