– Сообраќајот и транспортот во иднина ќе се заснова врз поголема искористеност на т.н. „чиста енергија“ односно пред се на струја и водород. Решенијата во транспортот мора да се бараат и во подобрена инфраструктура, доколку интенција е да се постигнат одрживи решенија, како на локално така и на национално ниво. Тоа беше посочено на дводневната Меѓународна конференција „Green Urban Transport Solutions“ што од денеска се одржува во Охрид.

На научниот собир што заеднички го организираат Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и CIVINET Slo-Cro-SEE, ќе бидат презентирани европските искуства и добрите практики во областа на одржливиот и еколошки чист транспорт, со цел да се достигнат светските стандарди и да се фати чекор со глобалните текови.

- Тоа бара поголем отвореност и на државните и на локалните институции кон академската средина. Поголема вклученост на факултетите во сите процеси, преку експертиза, мислење, студии, за да биде достигнато саканото ниво на развиеност. Она што е најпотребно е државата да размисли на подобрувње на патната инфрастркура, а во рамките на градовите да се решат горливите прашања за да може да се фати приклучок, рече професорот Методија Атанасовски, продекан за наука на Техничкиот факултет во Битола.

Транспортот заедно со енергетиката е еден од главните столбови на секоја економија, така што секоја политика одлука треба да биде во насока на поголеми вложувања во облата, како во замена на сообраќајните средства за превоз, така и во делот на интегрални решенија за транспортот во градовите и меѓу нив.

Што се однесува на загадувањето на воздухот што се повеќе се јавува како проблем во градовите во земјата, беше посочено дека не е само транспортот фактор што влијае врз загадувањето, но и дека е еден од факторите што секако влијаат врз квалитетот на воздухот во урбаните средини и врз животната средина во целина.

Развојните проекти во односната сфера во државите во регионот се реализираат согласно препораките на ЕУ, со согласност на сите шест држави од Западениот Балкан како потписнички на Договорот за климатска неутралност и зелената агенда на Унијата.

- Препораките за државите од Западнниот Балкан се истите оние какви што се за државите-членки на Унијата – достигнување климатска неутралност. Германија како членка на ЕУ мошне високо ја цени подготвеноста на шесте економии од регионот да работат на уредување на проблематиката согласно решенијата во рамки на Унијата. Тоа значи дека работиме на исти цели во развојот, за што секако ќе следи и соодветна поддршка од наша страна, рече Иван Шад, прв секретар на ГТЗ во Тирана.

Експертот од ЕУ уште истакна дека транспортот секако во голема мера влијае врз загадувањето на воздухот во целиот регион, со потенцијал за усвојување подобри решенија во областа на урбаната мобилност.

- Намалувањето на емисијата на гасови што предизвикуваат загадување треба да се бара преку фокусирање кон почеста секојдневна употреба на велосипеди за транспорт, потоа е-транспорт. Што се однесува на транспортна поврзаност меѓу градовите и државите, тука треба да се работи на подобра патна инфраструктура, но и преку проекти за железничко поврзување меѓу државите, рече Шад.

На собирот беше истакнато и дека предизвиците во транспортот мора да се надминуваат преку експертизи, студии, со донесување издржани решенија базирани врз добри практики и знаења.

Надим Беговиќ во име на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница што работи на интегрирање на пазарот на транспорт во Западен Балкан со оној на ЕУ, од своја страна истакна дека целта е обединет транспорт на континентот, со идентични стандарди.

- Главен предизвик во достигнувањето на обединет пазар на транспорт е одржлива мобилност, со крајна цел намалување на емисиите на јаглероден диоксид и остварување на „зелената агенда“. Градовите во регионот се меѓу најзагадените во Европа, оттаму е мошне важно да се работи на изнајдување решенија за намалување на емисиите на штетни гасови во јавниот транспорт, рече тој.

Проблемот со загадувањето во градовите предизвикан од неразвиениот јавен превоз во градовите ќе биде едно од главните прашања на кои ќе се разговара на Конференцијата во Охрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2025 00:07