Поставување југуларни катетери под ехо кај пациенти кои се лекуваат со хемодијализа е нова процедура што почна да ја применува Специјализираната болница за нефрологија – Струга, информира директорот на установата Јетмир Зиба.

Постапката под ехо, појасни тој, го прави процесот побезбеден и поконтролиран, а е направена со поддршка на лекари од клиниката Von Basedow од Германија.

- Поставувањето на југуларни катетери кај пациентите кои се лекуваат со хемодијализа има повеќе предности. Намален е ризикот од венска стеноза, побезбедна и полесна положба за манипулација за време на хемодијализата и секојдневно одржување, помал ризик од инфекции во споредба со феморалната вена, подобар проток на крв и полесно поставување под ехографија, истакна Зиба.

Најави дека во соработката со германската клиника ќе продолжи со донација од медицинска опрема.

- Горди сме што носиме модерни методи во здравствената грижа во нашата болница. Во фокусот на нашата мисија секогаш стои пациентот. Затоа, ќе продолжиме посветено да аплицираме нови методи и технологии кои го подобруваат квалитетот на третманот и здравјето на нашите пациенти, рече Зиба



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2025 04:14