Ние зацртавме цел да станеме 28 држава во ЕУ до крајот на 2028 година. Некој би рекол тоа е амбициозно, но јас би кажал ние им праќаме силна порака на Брисел и на нашите граѓани дека сме подготвени за ова. Општеството на Црна Гора беше единствено околу националниот интерес и така стигнавме до целта, изјави црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Тимчо Муцунски.

-Не можеме да зборуваме за сигурноста и просперитетот на целиот Западен Балкан, без европската и евроатлантската перспектива на регионот. Секој успех на која било држава секој чекор, секое отворено поглавје, секој отворен кластер, е уште еден чекор поблиску до Брисел и до европската приказна. Од друга страна Црна Гора засега има епитет на предводник, но ние сметаме дека нашиот успех е и успех на Северна Македонија, и на Србија и на сите други држави од Западен Балкан, рече тој.

Тој истакна дека оние коишто се евроскептици ќе бидат поразени доколку продолжиме со силните реформи, и со заедничката работа, а тоа е, рече, дека граѓаните на Северна Македонија, и на Црна Гора, се посветени да станат дел од европското семејство.

-Наше е да работиме, а секогаш ќе има такви што ќе стават пречки на тој пат, но верувам дека и вашата Влада сега праќа јасна порака на сите адреси, и со извонредната енергија и проактивност на вашиот министер за надворешни работи тоа се движи и не може да се спречи патот, истакна црногорскиот министер.

Тој нагласи дека на сите им е јасно дека секој ден изгубен на патот кон Брисел, е загуба пред пред се на оние држави кои сакаaт да се интегрираат во ЕУ, но губи и Унијата.

-Денешни теми за политички случувања не предупредуваат не само нас на Западен Балкан, туку и сите дека на светот му е потребна силна и цврста обединета ЕУ. Не можеме да говориме за успешна европска приказна, доколку во неа не се државите од регионот, и доколку не сме сите единствени односно доколку немаме сите јасна цел, а целта е дека светот заслужува мир, стабилност и просперитет. Јасно е дека на Европа и се потребни државите од Западен Балкан, со оглед на геополитичките случувања ообено по руската агресија врз Украина, рече министерот.

Тој додаде и дека над 80 проценти од граѓаните во Црна Гора велат дека сакаат земјата да стане дел од ЕУ.

-Ние нема да се тркаме со времето, работиме на тоа да ги усвоиме сите реформи, а Брисел тоа ќе го препознае затоа што затворивме три поглавја во декември минатата година, добивме позитивен извештај од ЕК. Добивме епитет на предводник. Никој тоа не ни го подари, туку Црна Гора е сто проценти посветена на европскиот пат и верувам дека ќе бидеме во ЕУ до 2028 и тоа ќе биде силен поттик и за другите држави од Западен Балкан дека европската перспектива и проширувањето се живи и дека кога ќе се усвојат сите реформи и демократски вредности дека и другите држави ќе се придружат на ЕУ, заклучи црногорскиот министер и потпретседател на Владата, кој е во официјална посета на државава



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2025 04:39