Имаме дијалог и комуникација со Софија и тоа нема да дозволиме да застане бидејќи доколку, изостане иницијативноста и дијалогот од наша страна, тогаш ние ќе бидеме и соучесници во еден процес на закочување на европската интеграција што е спротивставеност со целта на државата, а тоа е што побрзо да ги откочиме преговорите. Нашата посветеност кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на било која влада во оваа држава по однос на национални прашања.
Ова го изјави шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во одговор на новинарски прашања на прес-конференцијата со неговиот црногорски колега Ервин Ибрахимовиќ
-Истовремено ние имаме јасна позиција којшто сум убеден дека соодветствува со ставот на секој еден македонски граѓанин, дека треба да ставиме конечно крај на овој процес на билатерализација и неправди, што доколку утре се случат уставните измени за шест месеци повторно сме во иста ситуација. И повторно ќе треба дијалог, повторно ќе треба разговори, но повторно ќе биде закочен процесот на преговори. Нашата посветеност кон европската интеграција треба да престане да се мери по капацитетот на отстапките на било која влада во оваа држава по однос на национални прашања. Ако така некој сака да ја мери нашата посветеност кон европската интеграција, тогаш не разбира што е европска интегрција, нагласи Муцунски.
Според него, има дестабилизирачки сили во неколку земји во регионот, коишто се фактори коишто, рече, можат да влијаат на дестабилизација на целиот континент.
-Затоа јас првата работа што цело време ја повторувам дека ние како дел од земјите-членки на НАТО што се од регионот, имаме примарна одговорност да се грижиме за долгорочната безбедност на регионот на Западен Балкан, но секако долгорочна безбедност и иднина на регионот не може да има без извесност во европските интеграции. И тоа е наша споделена одговорност. Ние да го завршиме нашиот дел, но ЕУ да го намали оној јаз помеѓу креирани очекувања и испорака којшто очигледно постои спрема сите нас во регионот во последните години, рече Муцунски.
Во однос на следна средба со неговиот бугарски колега Георг Георгиев рече дека по формирањето на политичката влада во Софија бил меѓу првите министри којшто се јавил на неговиот колега а и лично ја иницирал средбата на Минхенската безбедносна конференција.
-По солидарноста која ни ја покажа Бугарија во ситуацијата во Кочани, лично бев во Софија да изразам благодарност и спрема бугарската влада и спрема бугарскиот народ. Веќе подолг период работиме, за жал без позитивен фидбек од страна на Бугарија за организирање на заедничка средба помеѓу мене, министерот за транспорт Николовски и министерката за финансии Димитриевска Кочовска заедно со нашите тројца колеги од бугарска страна, со цел разјаснување на состојбите и иднината на Коридорот 8, бидејќи тоа за нас е стратешки значен проект којшто сакаме да се движи напред. За жал подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме афирмативно да работиме на остварување и на таа средба, рече Муцунски.
Додаде дека ги следи сите пораки од амбасадорите на ЕУ во земјава, особено во делот на Реформската агенда.
-Пораката на господинот Дробњак којшто кажа дека Реформската агенда во голема мера доколку се исполни ја врши и дел од работата на самиот процес на преговори. Тоа нагласувам не мислиме како Влада дека реформската агенда може да го замени процесот на преговори, далеку е тоа од наша позиција. Реформската агенда прво може да биде трансформативна за целата држава, а второ ќе ја покаже и на дело нашата посветеност кон европската интеграција. Европската интеграција е владеење на правото, броба против корупција и тука како што кажа и самата комесарка Кос, една од најдобрите веројатно и најдобрата подетално нејзината изјава да ја видите, но сме водечка држава во делот на реализација на нашите обврски во реформската агенда. И со тоа покажуваме дека сме на дело Влада посветена кон еврпските интеграции бидејќи ги вршиме оние трансформативни реформи во нашето општество, рече тој.
Вели оти не сака да се создаде перцепција дека не бараме компромис, но како што посочи, „бараме компромис кој ќе биде рационален и којшто ќе ја обезбеди таа предвидливост за која што многу подолг период говориме, а за којшто сакам да верувам, нашата држава по сите оние национални отстапки ја заслужува таа предвидливост да ја добие“.
-Комуницирам со комесарката Кос, комуницирам и со нејзиниот тим, но дозволете ми да ги задржам дел од информациите коишто тие ги споделуваат со мене. Сакам нашите граѓани да ги уверам дека по однос на национални и идентитетски прашања ќе биде крајно време да престанеме да преговараме со било која држава, потенцира Муцунски.
Во однос на поднесените 313 амандмани на нацрт извештајот на известувачот на ЕП за земјава, Томас Вајц, рече дека Европарламентот е традиционален поддржувач на процесот на проширување и оти не очекува промени во тој дел.
-Имам лично ангажман и со дел од европските пратеници коишто во различен сегмент го покриваат портфолиото за нашата држава. И тоа што се надеваме е дека ЕП ќе ја продолжи таа традиција на извештаи што се позитивни кон напредокот врз основа на мерит и критериуми, и поддршката што ја даваат европаратенциите, за што побрзо членство и пристапување на нашата земја кон ЕУ. Не е првпат да има волкав број на амандмани, тоа е природата на демократијата, на крајот тоа е легислативно тело каде што се случуваат такви процеси, но нашето очекување и нашата желба, е да бидат прифатени оние амандмани коишто ја соодвевствуваат со реалноста како политичка така и правната реалност, рече Муцунски.
Нагласи дека е во комуникација на дневна основа со министрите за надворешни работи на ЕУ и оти се работи на повеќе иницијативи што се насочени на откочување на нашиот евроинтеграциски процес.
-Тоа значи конечно да ги отпочнеме преговорите што за жал не се започнати од субјективни, а не од објективни причини. Но секако нашите позиции се јасно втемелени во она што е наше очекување. А тоа е да се стави крај на билатерализацијата на европската интеграција. И нешто што го повторувам, што го разговаравме меѓудругото со мојот колега тука денес во Скопје е дека создавањето на пракса на билатерализација, штети на целиот регион. И остава простор утре и другите земји од регионот да се соочуваат со исти предизвици. А процесот на проширување на ЕУ нема да биде конечен без интеграција на целиот регион. Јас велам ние се заштитуваме себеси, но секогаш повторувам ја заштитуваме и политиката на проширување како таква, бидејќи нашата цел е нашата држава да стане полноправна членка на ЕУ, заедно со сите други држави од регионот вклучително и Црна Гора, чиј што министер е денес тука со нас, истакна министерот.