Еден малолетник загинал, а друг е повреден во сообраќајна несреќа што ноќеска се случила на ул. „Цветан Димов“ во скопски Чаир.

Како што информира денеска МВР, од здобиените повреди на местото на несреќата починал 16-годишен мотоциклист, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Четиринаесетгодишник кој управувал електричен тротинет, пак, се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен соопшти дека на 27 април 2025 во 02.28 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „пиаџо беверли“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од Скопје, и електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје.

-Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Скопје и јавен обвинтиел, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција. По документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, наведува МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2025 00:42