Меѓународниот аеродром Скопје од 3 мај се поврзува со Барселона и Лион. Летовите ќе ги реализира „Виз ер“ со субвенции од Владата, потврдија денеска на прес-конференција ТАВ Македонија и „Виз ер“. На релацијата Барселона Скопје ќе има летови двапати неделно, во вторник и сабота, а до Лион трипати, во вторник, четврток и в сабота. Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18.50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку избор на социјалните мрежи.

-По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и „Виз ер“. Верувам дека оваа линија ќе биде уште попопуларна од пред три години со многу патници, рече денеска на прес -конференција Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион, како што рече Курт, посебен град којшто има што да понуди, под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата со атрактивна гастрономска понуда.

Андрош Радо, директор за комуникации во Виз Ер, истакна дека двете нови рути ќе овозможат што повеќе посети на Македонците во европските градови и на странците во државава. Најави дека ќе ја обноват целата флота во нивната база кај нас и оти годинава ќе имаат капацитет од два милиони патнци за Скопје.

Во моментов, нашите авиони се од типот Airbus A320neos со 180 седишта, но до крајот на годината, сите ќе бидат надградени со следната генерација A321neos со 239 седишта, со најдобрата достапна технологија за ефикасна потрошувачка на гориво. Тоа ќе биде зголемување на капацитетот од речиси 30 проценти и годинава ќе имаме капацитет од два милиони патници за Скопје, рече Радо.

Од менаџерскиот тим на ТАВ Македонија посочија дека се во постојани преговори со многу авиокомпании и оти фокусот е во отворање на нови leisure односно туристички дестинации, со цел земјава да се поврзе со што повеќе туристички места и да ја збогатат понудата на дестинации. Таргетирани им се дестинациите на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларнака во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид. Анталија, Бодрум, Хургада, Тунис, Рим, Венеција, Сплит, Барселона и Париз остануваат топ-туристички дестинации кои се реализираат во летната сезона.

Со последниот повик за субвенционирани летови беше најавено дека повторно ќе има лет на релацијата Скопје - Дубаи кој требаше да стартува од 30 март, но „Флајдубаи“ побараа пролонгирање за наесен. Курт вели дека ја чекаат финалната одлука на авиокомпанијата за старт со летови на таа дестинација.

- Во врска со Дубаи, од почетокот работевме со нашиот маркетинг оддел за развој и враќање на летовите од Блискиот Исток, особено на Дубаи со Флај Дубаи, и од почетокот добивме зелено светло, но очекуваме финална одлука на Флај Дубаи да почнат со нивната конкција меѓу Скопје и Дубаи. Од наша страна ние обезбедивме стимулации за авиокомопанијата, од Владата од нивна страна дадоа субвенции за повторно воспоставување на авиолинијата. Значи ние сме спремни како аеродром, чекаме на тоа. И ќе додадам дека со скорешните развој на настаните со посетата на Владата на Дубаи и прекинувањето на визниот режим меѓу двете земји, дефинитивно ќе се овозможи летови меѓу двата града најбрзо можно, рече Курт на новинарско прашање.

Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела на седница за пратенички прашања во информација за посетата на Обединетите Арапски Емирати рече дека се преговара и за линија од Абу Даби до Охрид.

„Виз ер“ согласно Договорот за финансиска поддршка, од 29 септември треба да ја воведе и авиолинијата Скопје - Штутгарт, која ќе ја опслужува три пати неделно, во понеделник, среда и петок, а од 27 март се опслужува линијата Охрид - Истанбул.

На Охридскиот аеродром е најавена модернизација, а според Курт се очекува да почнат со конкретни активности во следните неколку недели.

- Во врска со рехабилитацијата на постоечкиот патнички терминал на Охридскиот аеродром- работиме на тоа, како што знаете Охридското Езеро е заштитено од УНЕСКО, така што за се што ќе правиме во Охрид во делот на градежни активности треба одредени административни процедури. Моментално сме при крај на завршување на административните процедури во врска со градежните работи, работиме многу значајни градежни активности во терминалната зграда и надвор од терминалната зграда, така што се надевам дека во следните неколку недели ќе почнеме со конкретни активности во Охрид, најави генералниот директор на ТАВ Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2025 14:44