Во оваа фаза не сум можност да ви дадам никаква потврда за посета на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие во одговор на новинарско прашање за детали за нејзиниот најавен престој во Белград.
Претходно беше најавено дека Кос утре и в среда ќе го посети Белград, при што фокусот на нејзините разговори со претставници на српските власти и опозицијата ќе биде на европската интеграција на Србија и тековните реформи што треба да ги спроведе земјата на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија.
Во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА, кон средината на месецов, Кос изјави дека Србија треба да се врати на европскиот колосек и дека Европската комисија е подготвена да направиме се што е потребно за да се случи тоа.
Инаку, како што јави дописникот на МИА од Брисел, за денеска и утре е најавен престој на Кос во Прага, посветен на „зајакнување на политичката поддршка за проширувањето на ЕУ и подобрување на соработката со клучните засегнати страни“.
Според најавата, Кос во Прага ќе учествува на конференцијата „Нови импулси за проширувањето на ЕУ: Можности за граѓаните и бизнисите“, а ќе се сретне и со чешките министри за надворешни работи и за европски прашања, Јан Липавски и Мартин Дворжак, како и со претседателот на Сенатот на Чешка, Милош Вистрчил, со кои ќе разговара за „агендата за проширување и регионалните приоритети“.
Предвидено е Кос да се сретне со „чешки лидерки од медиумите, политиката и граѓанското општество“ за да разговара за нивната улога во обликувањето на наративот за проширување и промовирањето инклузивен, демократски дијалог низ целиот регион.
- Посетата ќе ја нагласи посветеноста на Европската комисија за тесна соработка со земјите членки за одржување на моментумот околу проширувањето на ЕУ, информирање на граѓаните на ЕУ за придобивките од проширувањето и продлабочување на ангажманот низ целото соседство на Европската Унија, се додава во најавата за посетата на Кос на Прага.