Работна средба одржаа в.д градоначалникот Венко Крстевски и инспекциските и комуналните служби од Општина Кочани со корисниците на јавни површини од угостителската дејност, на која беше укажано дека јавниот простор е јавен интерес и задолжително треба да се почитуваат законските одредби.
На средбата присуствуваа и претставници на инспекциските служби од Општина Струмица, во рамки на потпишаниот договор за соработка. Тие ги пренесоа своите искуства и решенија за проблемите околу нарушување на прописите во законите за градење, за заштита од пожари, за заштита и спасување, за животна средина и слично.
-Во најскоро време ќе објавиме тендерска постапка за фирма која ќе ги отстранува нелегалните објекти или оние кои немаат соодветни одобренија и решенија. Важно е да се каже дека нашата цел не е да го попречуваме вашето работење, особено не пред летната сезона. Сепак, неопходно е да се создадат просторни услови за пристап на противпожарно возило, амбулантна екипа и други служби за интервенција, со оглед на укажувањата дека во моментот таква функционалност нема. Од наша страна ќе дадеме временски период од 30 дена во кој корисниците на јавен простор ќе можат да ги отстранат или прилагодат објектите според соодветните одобренија, за да не дојде до насилно рушење што ќе предизвика дополнителни трошоци за нив, истакна в.д. градоначалникот Крстевски.
На средбата дел од корисниците на јавни површини нагласија дека долги години работат на овој начин затоа што некој им дозволил, при што редовно ги подмируваат давачките и кон државата и кон Општината.
Од инспекциските служби од Струмица истакнаа дека слични ситуации имало и таму, но со превентивно укажување за незаконско работење и со спроведување на соодветните прописи голем дел од проблемите се надминати, при што сопствениците сами ги направиле прилагодувањата.