Кумановецот Амзир Рушити-Дино, единствениот оџачар од градот во соработка со невладина организација од Кочани ќе исчисти 62 оџаци и собраните средства ќе ги донира за загрозено семејство во Кочани. Хуманата мисија ја спроведува, како што вели, за да помогне на градот кој се соочи со невидена трагедија.
- Слободно нека ме контактираат, ќе исчистиме оџаци, ќе ги собере средствата и ќе ги донираме на најзагрозеното семејство во Кочани. Секој треба да помогне како може и умее. Таму се случи невидена трагедија, изјави шеесет и седумгодишниот оџачар од Куманово.
Како што вели Дино „благословот е поважен од парите“, човечки е да се пружи рака и помош онаму каде што треба. Тој е единствен во Куманово кој сè уште се занимава со овој занает. Дино помага и во Куманово, при гаснење пожари на оџаци. Советува граѓаните навреме да ги исчистат за да нема пожари во текот на зимскиот период.