Албанското специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), соопшти дека оваа институција почнала проверки во врска со договорот за лобирање вреден шест милиони долари на опозициската Демократска партија (ДП) со американска компанија.

- Ја информираме јавноста дека е почнат процесот на проверки во врска со договорот за лобирање на политичкиот субјект, Демократска партија, со американската компанија „Continental Strategy“. Ќе го испитаме износот и изворот на финансирање на договорот вреден повеќе милиони долари, стои во соопштението на обвинителството.

Откако медиумите го објавија договорот за лобирање, Демократската партија соопшти дека тој нема да биде платен од самата партија, туку од фондацијата „Make Albania Great Again“, организација создадена од албанско-американската заедница.

- Албанско-американската заедница се обврза да покрие 100 отсто од финансиските трошоци за оваа иницијатива. Демократската партија нема никаков финансиски товар или договорна обврска во овој договор, соопшти ДП.

Партијата веќе има исплатено 750.000 долари, додека остатокот ќе го плаќа по 250.000 долари месечно во период од две години.

Според документот, потписот е ставен на 4 април од страна на генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, а како гарант во САД е лицето Нуредин Сечи, Албанец по потекло од северниот албански град Тропоја, живее во Њујорк и поседува американско државјанство.

Компанијата се обврзува да помогне да се воспостават контакти со претставници на американската влада и Конгресот, да промовира каузи како што се борбата против корупцијата и владините реформи во согласност со американско-албанските интереси, да се вклучи во стратешки правни прашања во име на Демократската партија и коалицијата „Алијанса за величествена Албанија“, но и да го избрише Сали Бериша, од списокот на непожелни, кого САД го прогласи во мај 2022 година.

Ова е втор договор за неколку месеци што Демократската партија го потпиша со луѓе блиски со Доналд Трамп, по оној со Крис Ла Цивита, еден од двајцата стратези на изборната кампања на американскиот претседател



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2025 04:24