Германците сакаат Антонио Ридигер да биде отстранет од германската репрезентација по неговиот испад во финалето на Кралскиот куп против Барселона.
Дефанзивецот на Реал Мадрид беше исклучен на крајот од натпреварот откако фрли предмет кон судијата Рикардо де Бургос Бенгоечеа кога тој досуди прекршок во корист на Барселона на самиот крај од натпреварот. Германецот, кој беше заменет пред инцидентот, сега се соочува со долготрајна суспензија поради своето однесување.
Поранешниот судија на ФИФА, Торстен Кинхофер, кој сега работи како коментатор за германското издание „Билд“, го повика селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, повторно да ја разгледа позицијата на Ридигер во националниот тим, велејќи дека агресивното однесување на дефанзивецот е „срам за земјата“.
-Однесувањето на Ридигер е срамно. Селекторот на репрезентацијата треба да размисли дали таква личност може да продолжи да ја претставува нашата вели тој за „Билд“, цитиран од „Мундо Депортиво“.
Дополнително, анкета спроведена од „Билд“ во која учествуваа над 18.000 читатели покажува дека 78 отсто од луѓето веруваат дека поранешниот дефанзивец на Челси не треба да игра за германската репрезентација, додека 2% не можат да одлучат што треба да прави Нагелсман. Само 20 отсто од читателите веруваат дека ѕвездата на Реал Мадрид не треба да страда поради своите постапки на клупско ниво.
Спортскиот директор на германската репрезентација, Руди Фелер, исто така, јавно ги критикуваше постапките на Ридигер на натпреварот од Кралскиот куп, но откри дека овие постапки веројатно нема да влијаат на неговиот статус во националниот тим. Фелер откри и дека дефанзивецот веќе контактирал со него и со Нагелсман.
-Тони е одличен играч, но како репрезентативец мора да покаже класа во своето однесување. Со право бара почит кон себе, но мора да им оддаде иста почит и на другите, без исклучок. Во овој случај, тој и некои соиграчи дозволија да бидат под влијание на екстремно вжештената атмосфера што, необјасниво, често го обвива клубот дури и пред почетокот на натпреварот. Ова е неприфатливо, особено за германски репрезентативец.Тони вчера контактираше со Јулијан Нагелсман и со мене, и имавме опширен разговор за ситуацијата, и директно со него и со претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Бернд Нојендорф и спортскиот директор Андреас Ритиг, откри Фелер во интервју за „СИД“.
Дефанзивецот веројатно ќе го пропушти остатокот од сезоната за Реал Мадрид, бидејќи шпанските медиуми објавија дека се дискутира за суспензија од четири до 12 натпревари. Сепак, доколку Ридигер добие построга казна, што е малку веројатно, неговото учество на Светското клупско првенство во јуни би можело да биде доведено во прашање.