Мултинационалната корпорација „Cavo Otomotiv“ е заинтересирана за изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје. Инвестицата би изнесувала 25 милиони евра и би се отвориле 500 нови работни места.

Од Дирекцијата на технолошко-развојни зони денеска информираа дека директорот Гоце Димовски денеска остварил средба со главниот менаџер на компанијата Кемал Аманоел и дека се разговарало за плановите на изневстирање при што биле разгледани и конкретните чекори за реализација.

Денешната средба следува по средбата остварена во март годинава за време на посетата на владината делегација на Турција.

- Директорот Димовски го посочи значењето на инвестицијата на Cavo Otomotiv, земајќи предвид дека турските инвестиции во зоните континуирано растат. Воедно, беа истакнати напорите и посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која активно работи за подобрување на условите за инвестирање во соработка со Владата и сите засегнати страни, информираат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Компанијата е основана во 1984 година и работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за водечки производители на автомобили. Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2025 13:47