Тренерот на шпанскиот фудбалски прволигаш Жирона, Мичел Санчез, објави денеска на социјалните мрежи дека е хоспитализиран, непрецизирајќи ги притоа причините поради кои е примен во болница.

„Морав да бидам хоспитализиран и ќе бидам под лекарски надзор неколку денови“, напиша Санчез, додавајќи дека се чувствува добро и со нетрпение очекува да се врати на клупата на Жирона, чиј дрес од оваа сезона го носи македонскиот репрезентативец Бојан Миовски

Поради здравствената состојба, Санчез нема да го предводи тимот на натпреварот против Виљареал в сабота. Жирона во моментов е на 15-то место на табелата, шест бодови над зоната за испаѓање, на четири кола до крајот на шпанското првенството.

Ниту клубот, ниту тренерот не објавија дополнителни детали за неговата здравствена состојба.

„Се чувствувам добро, под надзор сум на лекар и ги бројам деновите до враќањето на работа за да можеме да ја продолжиме борбата до крајот на сезоната. Ќе бидам отсутен од теренот, но во постојан контакт со тренерскиот штаб“, рече Санчез.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2025 01:01