Пред традиционалната прослава на денот на виното и лозарите - Св Трифун, винарската визба „Тиквеш“ донираше една од своите најстари дрвени бочви, пренесе Кавадаречката телевизија “КТВ“ .
Во соработка со локалната самоуправа, бочвата е поставена на кружниот тек на еден од влезовите во Кавадарци, со што таа,за сите посетители од земјава и странство, претставува своевиден препознатлив белег на градот и неговата традиција.
„Оваа бочва е повеќе од предмет, таа е сведок на богатата традиција на производство на врвно вино во тиквешијата, што говори за нејзината голема вредност за сите нас, за „Тиквеш“,за градот Кавадарци, но и за сите лозари и винари во целиот регион. Бочвата е со капацитет од 9 илјади литри и тежина од 2 тона. Локацијата за нејзино поставување не е случајна. Таа е поставена на важна сообраќајница, на влезот во Кавадарци од Росоман. Од тука се патува кон Прилеп и кон Скопје “, велат од винарската визба „Тиквеш“.
Оваа бочва со капацитет од 9000 литри е меѓу првите кои биле поставени при проширувањето на винскиот подрум во далечната 1955 година.