ВМРО-ДПМНЕ јасно ја соопшти својата позиција уште пред да влезе во преговори за формирање на идната владина коалиција, а таа гласеше „Влада да, но не по секоја цена“.

ВМРО-ДПМНЕ одби да разговара под уцена за прифаќање на платформата изготвена и потпишана во Тирана чија крајна цел е редефинирање на Република Македонија и нејзино трансформирање од мултиетничка во бинационална држава.

СДСМ е уценет само заради тоа што изгуби на изборите, не ја доби поддршката на граѓаните и не освои мнозинство гласови за да формира влада. Сега СДСМ е доведен до ѕид заради патолошката желба на Зоран Заев да биде премиер по секоја цена.

Затоа СДСМ прифаќа и гледа позитивно на платформата од Тирана. Затоа СДСМ се согласува на официјализирање на албанскиот јазик и воведување на двојазичност на цела територија. Затоа СДСМ се согласува на менување на банкнотите и униформите.

Целата јавност деновиве беше сведок дека СДСМ ги прифатил и останатите сегменти од платформата кои подразбираат носење на резолуција за прогласување на геноцид врз албанците.

Сите овие отстапки на СДСМ се исклучително опасни по иднината на Република Македонија. Цената на уцените, на крај нема да ја плати само Заев и СДСМ, туку Република Македонија.

Излези од оваа состојба во која е доведена во прашање иднината на земјата има два. Првиот е одржување на брзи вонредни избори. Зоран Заев смета дека рејтингот на СДСМ пораснал со прифаќањето на платформата и заради тоа го повикуваме да поддржи нови избори и да излезе пред граѓаните за да ја побара нивната поддршка. Факт е дека граѓаните на минатите избори не гласаа за платформата од Тирана и природно и очекувано е тие да се изјаснат.

Вториот излез е јавно да се откаже од платформата која досега ја поздравуваше и на која што гледаше афирмативно. ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да ја отфрли платформата и да го послуша мислењето на граѓаните. Доколку СДСМ отстапи од политиката која е спротивна на државните и национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ со своите 51 пратеник ќе ги поддржи да формираат Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2017 12:59