Централното претседателство на ДУИ синоќа донесе едногласна одлука да даде поддршка на СДСМ и да учествува во формирање нова влада.
Ова го соопштија по седницата лидерот на партијата Али Ахмети и портпаролот Бујар Османи.
– Ова беше финален состанок на кој беше исцрпена целата дебата и едногласно се донесе одлука, изјави Ахмети.
Тој додаде дека доколку претседателот не го додели мандатот и не ја повлече одлуката ќе се разгледуваат прашањата за гласање влада во собранието кои пак, како што истакна, ги регулира Уставот и правилникот на Собранието.
Посочи дека не верува дека 67-те пратеници во Собранието кои ја дале поддршката за новиот мандатар и го направиле тоа по слободна волја дека ќе се повлечат од таа одлука за поддршка.
Во однос на локалните избори потенцира дека тие треба да се одржат во законски определениот рок во мај 2017 година и сега треба да се видат сите околности што треба да се почитуваат.
– Го повикуваме господинот Иванов, согласно со неговите уставни надлежности и неговото сопствено барање да го додели мандатот за формирање на влада, потврдено со 67 потписи. Истовремено го повикуваме Иванов и сите политички партии да бидат внимателни во своите изјави да не ја загрозуваат заедничката иднинана граѓаните. ЦП на ДУИ ги информира граѓаните дека давањето потписи за поддршка за земање мандат истовремено подразбира и поддршка формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада, во духот на Рамковниот договор и посветена во владеење на правото и интерацијата во НАТО и ЕУ, изјави Османи.
Тој додаде дека учеството на ДУИ во новата влада ја рефлектира волјата на албанскиот народ изразена на последните избори од 11 декември и има за цел исполнување на програмата ветена пред граѓаните.
ДУИ, како што рече, ќе бара целосно испитување на работата на ДУИ од нејзиното формирање во 2002 година до денес и тоа под меѓународен мониторинг се додека не заврши процесот на формирање на правиот ситем во државата.