ДУИ денеска соопшти дека на последниот состанок на Претседателството на партијата каде што било одлучено да се побара од Иванов да ја повлече неговата, како што наведуваат, антиуставна одлука и да станат дел од парламентарното уставно мнозинство за формирање на новата реформска влада, се разговарало и за потребата од транспарентно реформирање на сите нивоа и структури на ДУИ.

Како што се наведува, уште од нејзиното основање, ДУИ како наследничка на ОНА и Ахмети се до денес биле победници во секоја изборна трка освојувајќи ја довербата од апсолутното мнозинство Албанци во земјата.

– За нас, довербата на граѓаните за претседателот Али Ахмети и ДУИ е над се и затоа, за обелоденување на целосната и единствена вистина, ДУИ останува, бара и ќе се ангажира за длабоко истражување на активноста на секој функционер од 2002 година до денес и пренесување на одговорност за евентуални злоупотреби на партиската доверба и службената должност, стои во соопштението.

Според ДУИ, овој чекор го покажува цврстиот ангажман за обелоденување на вистината и иницијативата за реформи за стабилност и продолжување на ДУИ како национална вредност, преку правно и институционално отстранување на сите сомнежи, но, и на постојаните тенденциозни клевети упатени кон партијата. / МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2017 15:51